Став Коментари/Колумни
Ромите во извештајот од Брисел
Старите болки раскажани низ призма на розовите очила
Сè е исто како лани, со исклучок на прогресот во политичката волја на Европската комисија, Скопје по пет години минати во чекалната со недефиниран кандидатски статус, конечно да ги почне преговорите со Брисел за пристап на земјава кон Европската унија
Ромите и натаму се најдискриминирана етничка група во земјава. Тие и натаму се соочуваат со тешки животни услови, а продолжува тивката сегрегација и дискриминација, како во поглед на пристапот до личните документи, образованието, социјалното и здравственото осигурување, така и кога се во прашање вработувањето и домувањето. Воедно се забележува тенденција на благо, но бавно подобрување на општата состојба, заклучија членовите на Европската комисија во извештајот за Напредокот на Македонија во процесот на интеграција во Европската Унија, објавен минатиот месец.
Благото подобрување на општата состојба иако тоа не е прецизно кажано членовите на Европската Комисија го гледаат во фактот што не се забележани официјални податоци за полициска тортура или друг вид на бруталност врз Ромите, како што пишува во извештајот во делот за недискриминација.
Невработеноста меѓу припадниците на оваа етничка група е највисока во земјава и изнесува 73 отсто, наспроти 30 проценти на државно ниво. Сиромаштијата е најприсутна меѓу Ромите, па така дури 63 проценти од вкупното ромско население во земјава живее под прагот на сиромаштијата, наспроти 1/3 колку сто е просекот на ниво на државата. Слично е и со стапката на смртност која е највисока меѓу Ромите - пишува во извештајот, иако во него не се изнесени конкретни споредбени статистички податоци.
Комисијата забележува дека најголеми проблеми кога е во прашање остварувањето на правата на Ромите и нивната интеграција во општеството и натаму остануваат недостатокот на пари и слабиот административен капацитет на Министерството без ресор, кое е директно задолжено за имплементација на целите поставени во стратегискиот документ насловен како Декада на Ромите од 2005 до 2015 година. Приоритети на Стратегијата за Ромите до 2015 година се олеснување на постапката и пристапот до документи за лична идентификација, образованието, социјалното и здравственото осигурување, вработувањето и подобрување на условите за домување.
Токму зголемувањето на буџетските средства за да се овозможи побрза интеграција на Ромите во општеството и зајакнување на административниот капацитет на надлежното министерството без ресор кое е задолжено за спроведување на “Декада на Ромите” се двете основни препораки што Европската комисија ги дава до надлежните институции во државата.
Но, ЕК ги нотира горливите проблеми со кои се соочуваат припадниците на Ромската заедница во земјава. Застапеноста на Ромите во јавниот живот и институциите на државата исто така е на ниско ниво и во наредниот период треба да се зголеми. Ромите и натаму се неславни рекордери по стапката на писменост кај децата. Иако статистички е подобрена бројката на деца Роми кои се запишани и го завршиле основното и средното образование и натаму е генерален заклучокот дека се уште треба да се работи на олеснување на пристапот до Основното образование. Според статистиките презентирани во Извештајот, 61 отсто од децата се запишуваат во Основно училиште, а само 17 проценти што завршиле основно продолжуваат со образованието во средно училиште, што е многу пониско од општиот просек на ниво на држава.
Исто така малолетничката деликвенција, меѓу Ромите и натаму останува жежок костен за целото општеството, а не само за Ромската заедница. Поради тоа Европската Комисија забележува дека се зголемува и бројот на децата Роми кои се препуштени на улицата.
Пред Европратениците е презентиран и неславниот податок за судбината на Ромите - бегалци од Косово. Така, од вкупно 1.700 колку што официјално беа регистрирани како хуманитарно згрижени лица во јули 2009 година, само 25 од нив се здобиле со статус на бегалци, додека 1094 и натаму се хуманитарно згрижени.
Вкупниот впечаток е дека неспорно постои реално, забележително придвижување на состојбите во земјава па во рамките на тоа и на состојбата на Ромите, но тоа ни одблиску не е во логичен сразмер со евидентниот пораст на објективната политичка волја на Брисел, конечно да почнат преговорите за полноправно членство на земјава во Европската унија, по цели 5 години поминати во чекалната со недефиниран статус на земја кандидат!



