Перископ Теренски извештаи


Ученици Роми за прв пат се сретнаа со „Снежана и седумте џуџиња“

Девојчињата ме прашуваа најчесто за огледалото на маќеата, дали било волшебно и колку била убава Снежана, додека машките се интересираа за ловецот и за принцот на белиот коњ. Имаше прашања од типот зошто Снежана го изела Снежана, дали сите јаболки се отровни, и дали навистина постојат џуџиња. На сите овие прашања од децата морав внимателно да им одговорам, за да бидат задоволни од мојот одговор и да ја сфатат приказната

КУМАНОВО...При моја асисенција за време на часот во основното училиште „Христијан Тодоровски - Карпош“, асистирав на часот по македонски јазик. Децата ја работеа приказната „Снежана и седумте џуџиња“. Учителката им ја раскажуваше приказната а децата внимателно ја слушаа. После неколку минути забележав дека ромските деца не се вопшто внимателни, туку дека тие само ја гледаа учителката но, ништо не ја разбираа. Тогаш сфатив дека тие воопшто не сфаќаат за што се работи на часот и за што им раскажува учителката, бидејќи не го разбираа македонскиот јазик. Кога заврши со раскажување, учителката ги потпрашуваше децата за приказната. Другите првачиња знаеја за што се работи, која е Снежана, како се викаат џуџињата, како се одвива приказната и каков крај има таа, додека ромските првачиња, ниту знаеја која е Снежана, кои се џуџињата, ниту пак слушнале за оваа приказна.

После сето оваа што го видов при мојата асистенција, си земав за обврска на терен со децата да ја работиме приказната Снежана и седумте џуџиња.

Организирав две групи на деца од населбата Бараке, се собравме кај еден од учениците и го одржав мојот час за асистирање во домашни услови.

Имав големи тешкотии со нив при раскажувањето и работата. Морав прво приказната да ја раскажам на ромски јазик, а потоа и на македонски. Кога почнав да ја  раскажувам приказната на ромски, на децата многу им беше интересно. Прво им раскажав за лошата маќеа на Снежана, колку била лоша и колку ја мразела Снежана. Дури децата маќеата на Снежана ја поистоветуваа со некоја нивна сосетка, која секогаш им забранувала да играат фудбал пред нејзината порта. Девојчињата ме прашуваа најчесто за огледалото на маќеата, дали било волшебно и колку била убава Снежана, додека машките се интересираа за ловецот и за принцот на белиот коњ. Имаше прашања од типот зошто Снежана го изела Снежана, дали сите јаболки се отровни, и дали навистина постојат џуџиња. На сите овие прашања од децата морав внимателно да им одговорам, за да бидат задоволни од мојот одговор и да ја сфатат приказната. Тажниот крај од приказната ги растажи многу присутни дечиња, но кога завршив со приказната сите деца беа насмеани и задоволни, затоа што Снежана останала жива и дека ја спасил принцот на белиот коњ.

Кога завршив со мојата асистенција и раскажување, децата навистина бев задоволни. Сега знаат која е Снежана, кои се седумте џуџиња, знаат што е добро, а што зло и сега многу полесно ќе им биде на училиште при обработувањето на оваа приказна.

Од извештајот на Мирвет Муслиевска, медијатор на НРЦ

ТЕТОВО...Населбата, 29 Ноември, се наоѓа на десната страна од течението на  реката Пена во т.н. „Индустриска зона“. Во неа моментно живеат околу 300 луѓе од кои најголем број се деца на возраст од една до 20 години. Во оваа област, некаде во седумдесеттите се населуваат дваесетина семејства Роми по потекло од Косово. Фокусот го ставам на семејството Красниќи кои се вдомуваат во оваа област со надеж дека ќе најдат подобро место за живот. Никој од нивното семејство никогаш не бил на училиште и не се занимаваат со никаков занает. Нивниот единствен извор на егзистенција отсекогаш било просењето. Со осамостојувањето и воведувањето на демократијата во Македонија и новите законски прописи сите тие се соочуваат со проблемот на државјанството и остануваат без никаква документација и ги губат и оние мали бенефиции кои ги имале во поранешниот систем – социјална и здравствена заштита. Населбата е изградена од куќи на диво. Тие се изградени од секаков материјал – картони , дрва, тули и слично. Во неа нема ниту електрична инсталација, ниту водоводна мрежа, а исто така ниту фекална канализација, патна инфраструктура ниту каков било белег на модерното време. Токму така животот како да застанал на почетокот на  20-тиот век и ништо не се променило во животот на луѓето во оваа населба.

Во учебната 2008-2009 година, за прв пат во оваа населба се запишани 11 ученици Роми како првооделенци во О.У„Лирија“. Еден од нив е и А.К. кој е запишан заедно со своите двајца браќа С. и В. Гледајќи ја нивната социо-економска положба нема никаква разлика помеѓу нив и останатите запишани и незапишани деца од оваа населба, но, сепак судбината на тројцата браќа е малку поинаква во однос на останатите. Како мали остануваат без татко кој несреќно загинал во обид да ја поврзе струјата од неговиот дом со бандерата во неговата улица.

За несреќата да биде поголема мајката потоа ги остава децата и тие остануваат на терет на бабата Мирадија која и самата боледува од разни болести.

На училиште А.К. е примерен, редовен, дисциплиниран и одговорен ученик и според зборовите на одделенскиот раководител Соња Михајловска е ученик за пофалба, а освен залагањето за постигнување на солиден успех, се залага да им помогне и на своите браќа а и на другите ученици од малото.

Најважно е што е редовен, педантен, разбирлив и ми служи и како толкувач, истакнува учителката Соња.

Факт е дека сите тие деца живеат во тешки социо-економски услови и јас за прв пат се среќавам со ваква категорија на ученици но, ме радува фактот што сите тие а и нивните родители се залагаат нивните деца да бидат редовни и да бидат педантни на училиште. Во овој период е најбитна нивната адаптација и социјализација, а еве А. е на исто рамниште со другите ученици, вели Дијана Билбиловска, наставничка по англиски јазик.

А. Е најголем од браќата и поради тоа тој вели дека има обврска да се грижи за нив и за нивната баба, кој тој ја нарекува мајка. Кога ќе порасне, сака да биде лекар.

И учителката ја истакнува тешката социо-економска положба во која живеат децата од оваа населба, но исто така истакнува дека е најважно што тие сега се згрижени во училиште и не се оставени на улица да просат и да бидат изложени на најралични опасности кои ги демнаат на улицата, а за останатото ќе се погрижат хуманите луѓе кои како во случајот ги запишале и константно во текот на годината се грижат за нивниот успех и редовноста. Но, сепак вели дека би било убаво и малку повеќе да им се помага со облека и обувки , како и со школскиот прибор и други материјали за на училиште.

Од извештајот на Хасан Идризи, медијатор на НРЦ

ПРИЛЕП... Семејството Ќазимоски го посетив неколку пати. При првичната посета  разговарав со мајката на С.Ќ. која изјави дека немала време да му извади потврда за примени вакцини од здравствениот дом. Откако ми кажа дека С. ги има примено сите вакцини, јас се заложив да го посетам здравствениот дом за да му извадам потврда за примени вакцини. За жал, од одделението за вакцинација добив информација дека С. ги нема примено сите вакцини и дека потребно да прими само една вакцина за да му се издаде потврда, а дополнително да се закажат нови термини за останатите вакцини.

Пак отидов до Ќазимоски да им ги кажам новите информации. Разговарав со таткото на С. Но, иако му предочив дека лично се заангажирав да извадам потврда за неговиот син, тој ми рече дека ќе чекал покана од здравствената институција за да однесе синот на вакцинација. Таткото беше дециден дека оваа учебна година нема да го запише неговиот син во училиште бидејќи сметал дека е многу мал за настава.

Му предочив дека не е негова работа тој да одредува за тоа бидејќи има стручни служби кои врз основа на интервју ќе проценат дали детето е подготвено за на училиште или не. Исто така му укажав дека ако не го запише детето на училиште, следуваат законски строги казни и му ветив дека ќе му помагам во совладување на материјалот...Но, таткото на малиот С. не попушти и одлучи синот да не го запише во оваа учебна година.

Суштината на оваа сторија е тоа дека и покрај законските регулативи во однос на задолжителна имунизација и задолжително основно образование, мал дел од ромските родители  се уште не ги земаат истите во предвид. Ромските родители сметаат дека децата треба да почнат на училиште на шест годишна возраст, па и повозрасни. Во однос на имунизацијата, се уште немаат информации за временскиот период за вакцинација.

Од извештајот на Денис Реџеповски, медијатор на НРЦ