Интервју Интервју


Сиан Џонс - Амнести интернешенел

Во Македонија најзагрозени се правата на Ромите

Тешко е да се споредуваат човековите права. Некои човекови права може бидат прекршени и може да влијаат само кај мала група на луѓе, други влијаат на поголема група на луѓе...Според Амнести, загрозени се правата на малцинставата, посебно правата на Ромите се едни од систематски најкршените права во Македонија, вели Џонс

Пред еден месец, Сиан Џонс како дел од екипата на Амнести интернешенел беше во Македонија и тоа токму во периодот кога повторно почнаа подготовките за предлог-проектот помеѓу претставници на граѓанскиот сектор и Министерството за труд и социјална политика, ресор кој е задолжен за подготовка на закон за превенција и заштита од дискриминација. Главната забелешка на Џонс беше тоа што во земјава се носат закони кои потоа тешко се остваруваат во пракса, како и тоа дека граѓаните не си ги познаваат своите основни човекови права. Таа, како и нејзината организација, Амнести интернешенел, во потполност се согласуваат со забелешките на Европската комисија за напредок на Македонија во делот за состојбата со човековите права. Но, Џонс најавува дека по посетата на Македонија, Амнести в година постојано ќе ја мониторира ситуацијата во земјава, посебно поради фактот, како што вели таа, што собрала многу материјали

Која беше причината за Вашата посета на Македонија?

Во Македонија бевме најпрво за да направиме еден бек ап на извештајот што го објавивме во 2007 година во врска со владиниот неуспешен обид за гаранција на правата на ромските жени. И да дознаеме каков напредок (ако го има) е направен од страна на Владата во остварувањето на акциониот план за статусот на ромските жени, посебно во рамките на имплементацијата на Декадата на Ромите. Бидејќи нашата организација се грижи и за други проблеми со човековите права во Македонија, дополнителен мотив за посетата беше исто така да направиме еден пресек на извештајот за Македонија што Амнести го има подготвено за период од јануари до јуни годинава.

Генерално гледано од Ваша страна, каква е состојбата со човековите права во земјава?

Генерално, има голем простор за напредок во овој дел. Иако има знаци дека Македонија почна посериозно да ги сфаќа обврските кон заштитата на човековите права. Имаме забележано некои подобрувања, на пример, во внатрешната контрола од страна на Министерството за внатрешни работи, во делот каде порано постоело малтретирањето во притворите од страна на полицијата. Но, од друга страна обвинителите и судиите очигледно се уште немаат волја да иницираат обвиненија за ваквите случаи. Македонија почна и други реформи и донесе нови закони, кои се дел од напорите на земјата за влез во Европската Унија. Како и да е, ние се согласуваме со критиките на Европската комисија дека Владата има направено мал прогрес во обезбедувањето на правата на Ромите во Македонија. Постојат некои мерки кои треба да им помогнат на ромската заедница во остварувањето на нивните права, како на пример, мерки за пристап до бесплатно и задолжително образование, овозможено од страна на Министерството за образование и наука. Но, исклучително мал напредок е постигнат во имплементацијата на националниот акционен план за Декадата на Ромите. Исто така, ние сме загрижени од недостатокот на фондови и начини на финансирање кои треба да бидат обезбедени од страна на Владата за стратегијата за статустот на ромските жени. Во 2007 година на пример, откривме дека основните услуги на Ромите им беа дадени преку ромски невладини организации. Ситуацијата остана скоро иста, освен што повеќето од овие невладини организации сега се соочуваат со финансиски кризи поради намалувањето на фодновите и поради тоа што многу од донаторите си заминуваат од регионот.

Кои права се најмногу загрозени?

Ова е многу тешко прашање бидејќи тешко е да се споредуваат човековите права. Некои човекови права може бидат прекршени и може да влијаат само кај мала група на луѓе, други влијаат на поголема група на луѓе...Според Амнести, многу јасно е дека загрозени се правата на малцинставата. Посебно правата на Ромите се едни од систематски најкршените права во Македонија.

Во Македонија бевте во период кога претставниците на граѓанскиот сектор и на Министерството за труд и социјална политика почнаа нова рунда на подготовки за новиот закон за заштита од дискриминација. Имаше неколку обиди да се донесе ваков закон, но некако работите се движеа и се движат многу бавно.

Законот за антидискриминација е потребен за пристап во Европската Унија, но овој закон е поважен е од тоа. Сите меѓународни договори, како на пример, Европската конвенција за човекови права говорат дека сите права мора да бидат загарантирани без дискриминација. Човековите права мора да важат за сите луѓе. Затоа, многу важно е овие основни принципи на недискриминација да се инкорпорираат во закон, како и тоа дека законот мора да обезбеди гаранција дека секој оној што страда од каков било вид на дискриминација ќе може да се обрати на судовите, или некоја друга слична институција и ќе може да бара лек за дискриминацијата од која страдал или страдала. Законот исто така треба да покажува како Владата ќе ги промовира човековите права, така што секој да знае какви права има, како и да основа тело што ќе води сметка тие права да бидат заштитени и тие што ќе ги прекршат тие права, вклучувајќи ги тука и Владата и приватниот сектор, да бидат соодветно казнети. Амнести интернешенел смета дека сегашната предлог верзија на законот треба да се подобри и дека треба да има целосна и постојаната соработка, комуникација и консултација со граѓанскиот сектор, посебно со луѓето кои ги претставуваат на пример, ромските прашања, кои секојдневно се подложни на дискриминација. Откако ваквиот закон ќе биде претставен, тој ќе мора да се имплементира, а за тоа се потребни посветеност и ресурси.

Како да се зголеми јавната свест за човековите права, антидискриминацијата и слично?

Законите мора да имаат јасни членови за да може луѓето јасно да ги научат да ги препознаваат своите права. Не е доволно законите и нивните измени да се објават само на Интернет страници, потребни се поголеми кампањи - на радио, на телевизија, во весници, додатоци, брошури и тоа на сите места каде што се движат луѓето и на сите јазици што се користат во земјата, со цел да се обезбеди таа сигурност дека секој човек ќе стане свесен за промените во легислативата, вклучувајќи ја тука и најавата за законот за антидискриминација и што точно овој закон им значи на луѓето.

Дали Македонија има капацитет да направи нешто во однос на овие прашања за човековите права?

Не секогаш се работи за капацитет на институциите и на граѓанскиот сектор, туку повеќе се работи за политичка волја. Законот за антидискриминација на пример, не е само работа на Министерството за труд и социјална политика. Законот за недискриминација ќе бара безбрезервна поддршка од сите сектори и институции кои работат под Владата. Со цел да се оствари правото на недискриминација сите владини институции ќе мора да преземат законски, административни, буџетски, правни и промотивни мерки за да ја осигураат целосната реализација на правото на недискриминација. Законот за недискриминација треба да го почитува правото на недискриминација, што значи дека Македонија мора да гарантира дека нејзините закони се недискриминирачки и во пракса.

Ќе има ли Амнести интернешенел уште активности во земјава?

Од Македонија се вративме со една долга листа на активности и случаи на кои ќе работиме. Имаме намера да постојано да ја креваме совеста на Владата и во нашите извештаи и други документи, кои исто така ќе бидат достапни и на Интернет страницата на Амнести интернешенел, како и преку кампањи кои ќе бидат покренувани од страна на меѓународните членки на Амнести Интернешенел...така што, очекуваме дека идната година ќе бидеме многу зафатени со Македонија.