Дневник Вести од образование


Стипендиите доцнат, родителите во дилема дали да ги школуваат своите деца

Билент е ученик во трета година гимназија. Тој е одличен и многу ја сака историјата. Вели дека кога ќе заврши сака да студира историја. Постојано чита книги поврзани со историјата, и секогаш кога има пари купува книга поврзани со историјата. Но неговата финансиска состојба не му дозволува да го прави она што го сака

Доцнат паричната помош, како и конкурсите за стипендии за учениците Роми што Владата ги вети како помош за оваа учебна година. Причина за тоа е се уште неутврдениот концепт за проектите. Во меѓувреме, родителите и учениците се надеваат и предвреме пресметуваат на што побрзо да се потрошат парите од државната помош бидејќи многу од учениците Роми се уште не може да си дозволат да си купат книги и тетратки, не може да си ги дозволат најосновните средства за нормално следење на наставата. А, поминаа три месеци од почетокот на новата учебна година. Иднината на многу деца Роми кои сакаат да го продолжат своето школување виси во воздух, бидејќи многу родители се двоумат дали да ги пратат своите деца во училиште или не зашто немаат пари, а се надевале дека со паричната помош и со стипендиите колку-толку финансиски ќе им помогнат во школувањето на нивните деца. Ниту најавите на надлежните министерства – Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука дека работите ќе се средат за кратко време, не може да ги разубедат мнозинството родители да не ја запечатуваат судбината на нивните деца, односно да им ја скратат можноста за образование.

Билент е ученик во трета година гимназија. Тој е одличен и многу ја сака историјата. Вели дека кога ќе заврши сака да студира историја. Постојано чита книги поврзани со историјата, и секогаш кога има пари купува книга поврзани со историјата. Но неговата финансиска состојба не му дозволува да го прави она што го сака.

Многу пати не јадам на училиште, или кога сите мои другари ќе излезат негде јас не одам со нив, си ги чувам парите за да си купам книга, изјави Билент. Неговите родители се социјален случај, имаат онолку колку да преживеат. Татко му понекогаш работи на црно за да му купи книга на Билент.

Јас го сакам моето дете и сакам да му помогнам во животот, да се избори, да учи, но немаме секогаш пари за книги. Неговата желба за учење историја е голема и јас колку можам и кога можам му купувам книги, или му давам пари, но сепак ние сме пет-члено семејство, Пари не стигнуваат ниту за јадење. И јас сакам моето дете да добие се, меѓутоа тешко ни оди, не знам што ќе правиме. Прво нешто зборуваа дека ќе им даваат стипендии, па месечна парична помош сега нема ништо од сето тоа, изјави Шериф, татко на Билент.

За нив оваа година олеснување се бесплатните учебници што ги доделува Министерството за образование, но велат дека не се само учебниците трошок во куќата, тука се тетратките, моливите, пенкалат, храната и облеката.

Ако не беа бесплатните учебници не знам како ќе беше, ама не се само они, тука се тетратки, прибор, облека, додека е на училиште треба и да јаде нешто, за се е потребно пари, а пари се помалку има, додаде Шериф.

На почетокот на учебната година се најави парична помош за сите средношколци кои примаат социјална помош. Сите семејства кои се приматели на социјална помош и имаат деца во средно образование требаше ќе добијат дополнителна финансиска помош од Владата, поддржана од Светската банка, за редовно посетување на нивните деца на училиште. Оваа помош беше предвидена учениците да можат да си купат облека и храна. Првите пари требаше да ги добијат во декември, откако ќе се докаже дека децата редовно посетуваат училиште.

Но од овој проект, кој требаше да помогне сиромашните семејства да ги праќаат децата на училиште за да завршат образование, сеуште нема ништо. И по три месеци од стартот на учебната година не е излезен ни конкурсот за парична помош за децата од сиромашните семејства.

„Критериумите за овој проект не се дефинирани целосно и целиот проект не е конкретизиран докрај. Нема конкретен датум, но се работи на проектот и тогаш кога ќе биде се комплетирано и конкретизирано ќе го објавиме конкурсот“, изјавија од Министерството за труд и социјална политика.

Покрај доцнењето на дополнителната парична помош, доцнат и конкурсите за стипендирање на средношколци Роми.

Околу 800 средношколци чекаат да биде објавен конкурсот, за да можат да конкурираат. Лути се затоа што Министерството за образование не ги информираат, немаат никаква информација за тоа до каде е конкурсот за стипендии, а учебната година веќе одамна е почната. Многумина размислуваат да го напуштат образованието.

„Интензивно работиме на тоа конкурсите да се објават што побрзо и се надеваме дека до средината на декември веќе ќе ги имаме објавено конкурсите“, изјавија од Министерството за образование и наука.

Дотогаш учениците Роми ќе треба сами да се снаоѓаат за своето школување, за купување облека, дополнителна литература и храна. А тоа се маки и на родителите и на учениците.

Сменетата слика за Ромите во образованието не им помогна многу за да се  изборат за своите права. Она што беше нивна обврска во изминативе години е да се покажат дека се спремно за реформи во нивната заедница, со тоа што прво ќе се посветат на образованието, кое е клучниот момент за социјализација на ромската етничка заедница, Сликата последниве неколку години се смени, но привилегиите кои ги добиваат учениците од оваа етничка заедница се сеуште на незавидно ниво. Социјалната слика на Ромите се знае, сиромаштијата сеуште владее кај нив, но државата се заложи дека ќе се погрижи за образованието, сите ученици да добијат соодветно образование, а за тоа нормално потребни се финансиски средства.

Инес Мустафовска