Билборд Воведен збор


За Едно, за образованието за сите

За Едно, за образованието на сите

Доколку дискриминацијата се дефинира како нееднаков третман на една индивидуа или група на луѓе, поради различна етничка, религиозна, полова основа, доколку луѓето се делат на привилегирани и непривилегирани, тогаш навистина сме во реалност која треба многу да не загрижува. Ако дикриминацијата е благо навестување на националистички чувства и одбивност кон другите националности во македонското мултикултурно општество, тогаш велам дека имаме итна потреба да се препознае проблемот.

Зошто го велам ова? Бидејќи се повеќе имаме ученици кои не се заинтересирани да научат нешто за својот соученик, кои не сакаат да бидат во иста клупа ако другарчето е од друга националност или не носи брендирана облека, доколку нема компјутер и мобилен телефон. Во образовните помагала нема информации за историјата на многу националности кои живеат на овие простори. Неинформираноста и незнаењето владее насекаде, успехот во квантитет е слаб, а квалитетот е детерминанта за која не може да зборуваме.

Стереотипите и предрасудите, а аналогно на тоа и нееднаквиот третман, по различни основи владее. Па затоа имаме училишта со чисти етнички состав, па имаме паралелки со таков состав, па имаме над 70% невработени Роми, па имаме гетоизирани средини за на крај да завршиме со непознавање на јазикот во државата во која што сме родени, живееме и опстојуваме.

И некој вели дека Македонија е мултикултурна средина и дека дискриминацијата не е проблем.

Сето горе наведено всушност ги анулира ваквите мислења и ги потврдува прашањата кои ме засегаат и мене. Официјални лица промовираат мултикултурализам кој треба да биде пример во европски рамки, а јас велам дека за мултикултурализмот треба да подразбира барем 80 % од севкупното население да има постојана достојна  плата, да ги знае и ужива своите права, да знае барем два јазика, да знае што е толеранција, да биде секогаш спремен да волонтира и да научи и да биде среќен што живее во Република Македонија.

Уф, колку идеалистички звучи сето ова.... Но, без сето наведено нема да живееме во општество кое ќе има позитивни општествени и социјални вредности. Дискриминацијата ќе метастазира во национализам и расна дискриминација, која на крај ќе доведе до конфликти.

А Ромите низ историјата па се до денес, биле и останале жртви  на перманентна дискриминација, од времето кога Мехмед од Газни ги земал како свои робови од Индија, потоа фашизмот на Хитлер и се уште непризнаениот Холокауст на Ромите, до демократска Европа во 21 век.

Европа која дозволува грозоморни убиства како што е убиството на Роберт татко (24)  и Роберт син (5) од Унгарија, пред нивниот дом кој бил запален со молотов коктел, или  пак насилната стерилизација на жените Ромки од Словачка. Значи дискриминацијата против Ромите е присутна и во земјите членки на ЕУ,  каде има насилни отселувања на Роми во Англија, во Турција, и каде животот на маргините на општеството е секојденвие за овие луѓе.

И токму за да се избегне сево ова, апелирам до сите кои ќе се најдат во текстовите од овој број да преземат мерки. Да се усвои соодветна законска регулатива за антидискриминација, да се имплементираат постоечките документи за подобрување на состојбата на Ромите, бидејќи тие се олицетворение на дискриминација по многу основи како во Македонија, така и надвор од нејзините граници.

За ЕДНО толерантно и недискримининаторско општество во Република Македонија