Zoom Посебни извештаи
Конвенции за човекови права на Обединетите нации
Нашата земја спаѓа во оние држави кои во висок степен го прифатиле меѓународното право за човекови права. Политиката на целосно прифаќање на темелните меѓународни договори за човекови права земјата ја следи уште од стекнувањето на независноста во 1991. Уште поважно, Уставот во чл.118 одредува дека меѓународните договори се дел од домашниот правен систем и се применуваат директно во домашните судови.
Меѓународното право за човекови права, кое во моментов се заснова на осум темелни договори, потекнува од Универзалната декларација за човековите права што Организацијата на Обединетите нации ја усвои на 10 декември 1948 година. За прв пат Декларацијата во еден документ ги постави општите стандарди што треба да ги постигнат сите луѓе и нации, на низа темелни граѓански, политички, економски, социјални и културни права што сите ќе ги уживаат со самото тоа што се човечки суштества. Иако самата не е законски обврзувачка, Декларацијата беше широко прифатена и ги постави темелите за низа други обврзувачки договори, како израз на остварувањето на декларираното признавање, почитување и заштита на човековите права.
Со пристапувањето кон меѓународните договори и преку ратификација државата превзема обврски според меѓународното право да ги почитува, штити и исполнува човековите права. Владите се обврзуваат да востановат домашни мерки и закони во согласност со тие меѓународни обврски. Секој од темелните договори има воспоставено Комитет од независни експерти што го следи спроведувањето на одредбите на договорот од страна на државите членки. Некои од овие договори се дополнети со факултативни протоколи што третираат одделни прашања или пак овозможуваат индивидуални жалби со цел да се осигури дека меѓународните стандарди за човекови права навистина се почитуваат, применуваат и спроведуваат на домашно ниво.
За целосно да се разберат обврските на државата по однос на договорите, мора да се земат предвид дека сите договори на кои таа земја е членка. Македонија во моментов е членка на шест и има потпишано два од најновите темелни договори – за правата на лицата со посебни потреби и за присилни исчезнувања. Земјата исто така е членка на сите факултативни протоколи, освен на најновите, пактот за економски, социјални и културни права.
Првиот меѓународен темелен договор за човекови права, усвоен во 1965 го третира феноменот на расна дискриминација на начин што забранува разликување врз основ на раса, боја, предци и национално или етничко потекло и ги пропишува обврските на државите да се воздржат, да се борат против и да одредат мерки за казнување и надомест на штета во случај на такви дела. Два темелни договори, Пактот за граѓански и политички права и Пактот за економски, социјални и културни права, усвоени во 1966 година, ја нагласуваат меѓу - зависноста на сите човекови права, забрануваат дискриминација и ги дефинираат дозволените ограничувања на правата и правото на самоопределување. Секој од пактовите понатаму вклучува каталог на суштински одредби што ги разработуваат правата содржани во Универзалната декларација, како што е правото за слободно учество во јавните работи, да не се биде подложен на тортура, правото на правично судење, здружување, изразување или пак правото на работа, социјална заштита, образование, здравје и на учество во културниот живот. Поради темелната природа, пактовите и Декларацијата заедно се познати како Меѓународна повелба за човекови права. Четвртиот договор, усвоен во 1979 година го третира специфичниот феномен на дискриминација на жените врз основа на пол, од низа програмски и политички аспекти. Следниот документ, усвоен во 1984 година е конвенцијата против тортура што се повикува на апсолутна забрана на тортура и подетално ги елаборира правните постапки за превенција и казнување на такви акти.
Првиот договор што ги третира правата на одредена група на луѓе е конвенцијата за правата на детето од 1989 година. Таа ги дефинира човековите права во специфични околности на децата во однос на нивната заштита, но исто така воспостави револуционерни видувања на детето и граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните права. Македонија е членка на овој и на петте договори спомнати досега, како и на сите нивни факултативни протоколи.
Седмиот договор се однесува на правата на одредена група на која и е потребна заштита – работниците мигранти и нивните семејства – и е усвоен во 1990 година. Овој договор се однесува на комплетниот процес на миграција, вклучувајќи ги сите мигранти и оние кои се документирани, а се однесува на државите на потекло и на државите на прием истовремено. Земјата не е членка на оваа конвенција.
Осмиот најнов договор е усвоен во 2006 година и дефинира одредби за гарантирање на човековите права на лицата со посебни потреби. Со таквиот пристап договорот го напушта фокусот врз одредени физички или ментални состојби и се насочува кон човековата хуманост, достоинство и различност, преку гаранции за слободно и информирано прифаќање на медицински третман, почитување на правната способност, прилагодување на работното место за вработениот или за гласачот за време на избори. Земјата ја потпиша конвенцијата во 2007 година, но се уште ја нема ратификувано.
Активностите за проширување на нормативната рамка продолжуваат. Во 2006 година беше усвоен уште еден договор кој ќе стапи на сила откако ќе биде ратификуван од бараниот број од 20 држави – конвенцијата за заштита на сите лица од присилно исчезнување. Оваа конвенција потврдува дека присилното исчезнување претставува злосторство против човештвото, во услови кога се спроведува на широко – распространет и систематски начин . Во потврдениот дух на прифаќање на меѓународните договори за човекови права, нашата држава ја потпиша оваа конвенција во 2007 година, со што ја искажа намерата да го ратификува и направи договорот дел од домашниот правен систем. Последниот исклучително важен развој се случи во 2008 година кога беше усвоен факултативниот протокол на пактот за економски, социјални и културни права што дава можност за индивидуални жалби против држава членка, прашање за кое се дискутираше со децении поради специфичноста на обврската за постепено, а не веднаш и целосно остварување на овие права. Земјата се уште ги нема изразено своите намери во поглед на прифаќањето на овој договор.
За повеќе информации, читателите може да ја посетат Интернет страната www.ohchr.org.
Силва Пешиќ,
Национален советник за човекови права,
Канцеларија на Постојниот координатор на ООН



