Став Коментари/Колумни
Во корист на сопствената штета!
Помогни си прво себе си, за да помогнеш и на другите!
Оваа стара, народна мудрост никако да се вгнезди меѓу Ромите, кои иако не ја научија лекцијата од минатото, изненадувачки инертно се однесуваат не само кон заедницата, туку и кон себе. Речиси 40 години се поминати од одржувањето на првиот Светски Ромски Конгрес во Лондон, во 1971 година, настан кој требаше да биде пресвртница во тоа како останатите народи ќе гледаат кон Ромите, но и како тие самите ќе гледаат кон себе. А, токму денот на одржувањето на првиот Светски Ромски Конгрес е еден од главните причини зошто се слави денот 8 Април, Меѓународниот Ден на Ромите. Несомнено е дека има многу позитивни работи што се направени во изминативе безмалку 40 години. Особено во поглед на намалување на предрасудите и дискриминацијата кон Ромите од другите народи, тргнувајќи од користењето на терминот Роми, наместо термините Цигани, Еѓупци, Џипси...признавањето на статусот малцинства во многу земји каде што тоа не беше случај претходно, постепеното зголемување на процентот на писменост кај Ромската заедница, партиципацијата во политичките тела на власта во многу држави... Но, дури и по речиси 40 години, Ромите се уште се на маргините на општеството.
Само во Македонија, повеќе од 70 отсто од работоспособното население меѓу Ромите е без работа, а 24 отсто од лицата постари од 15 години се неписмени. Сиромаштијата во најголем дел е присутна токму кај Ромите, кои се уште живеат отсечени од остатокот од цивилизацијата, најчесто во привремени објекти, дивоградби, картонски куќи или воопшто без дом. Ромите немаат ниту документи за лична идентификација, ниту здравствено осигурување, ниту, пак, образование. Живеат од социјална помош од 1.000 до 4.000 денари.
Во таква констелација, предрасудите и дискриминациите што се уште се присутни, предизвикуваат дополнителни тешкотии дури и за оние со високо образование и потребни квалификации за вработување. Иако, според рамковниот договор, само во Јавната администрација по принципот на правична застапеност треба да има место за околу 1.200 Роми. Дискриминацијата е присутна насекаде, особено во руралните средини, каде често се случува деца од друга етничка заедница да не сакаат ниту да учат во исто училиште се Ромските дечиња. Тоа секако не е ништо друго освен превземени, впиени ставови и предрасуди од нивните родители, пред се поради незнаење.
А, во многу земји, ситуацијата е и далеку полоша од онаа во државава, бидејќи Ромите воопшто немаат признат статус, ниту права.
Една изрека вели, незнаењето е мајка на сето зло на планетава!
Оттаму, јасно е дека никој не е виновен за состојбата во која се наоѓаме, освен ние самите. Една од најистакнатите политички филозофи на 20 век, ценетата Хана Арендт, дава една теорија според која никој не може од некого да направи жртва, доколку за тоа нема согласност и од другата страна.
Во Ромската заедница, токму ние Ромите сме најголемиот проблем зошто се уште сме маргинализирани и дискриминирани. Едно поради недостигот на организација и желба за борба за нашите права, а друго и поради менталитетот за лесно прифаќање на процесите на асимилација и гетоизација. Многу Роми попрво би се изјасниле како припадници на други заедници, притоа заборавајќи го јазикот и културата на заедницата на која изворно и припаѓаат, надевајќи се дека така полесно ќе бидат прифатени од останатите народи. Но, никој нема да прифати народ, луѓе без интегритет!
Дополнителен проблем е тоа што не само што не се бориме за сопствениот идентитет, туку и на речиси ниту еден начин не се обидуваме преку презентација на нашата богата култура и различност да ги придобиеме симпатиите на останатите народи. Во отсуство на познавање за Ромите, не е тешко ниту на Владите, ниту на Европската Унија, ниту на било која друга манифестација на управувачко тело, да продолжи со дискриминацијата, маргинализацијата, да продолжат со декларативната поддршка или со воведување на Декада на Ромска инклузија, од која најголемиот ќар повторно нема да го имаат Ромите.
Во меѓународната дипломатија често се користи фразата – никој нема да дојде да ви го среди вашиот двор, пред тој вие самите да го средите! Па, така, Ромите мора сериозно да почнат да работат прво на себе. Да инвестираат во себе. Да се борат за своите права, да се едуцираат и организираат. Борбата почнува од најситната клетка во едно општество, семејството. Родителите мора да почнат да размислуваат подолгорочно и во корист на нивните деца. Да сфатат дека само преку образованието, Ромите може целосно да се интегрираат во општеството. Само преку образованието, може да дојдат до вработување, повисок животен стандард, подобар и посреќен живот! Кога основната клетка во една заедница, ќе биде силна, организацијата во борбата за заедницата не само што ќе добие структура и квалитет, туку ќе добие и на сила. Тоа е впрочем и единствениот начин Ромите да бидат прифатени како еднакви, посебни, какви што природно се! Тогаш, ниту една држава или меѓународна организација нема да може да го сврти погледот од луѓето за кои ќе знае дека ако не подобри, попаметни или помоќни, во најмала рака ќе седат или разговараат со еднакви на нив.
Живеј како утре да ти е последен ден, но учи како да ќе живееш вечно! – Махатма Ганди
Ашмет Елеэовски и
Себихана Скендеровска



