Перископ Теренски извештаи


Учениците Роми почнаа да го совладуваат македонскиот јазик, но немаат облека, учебници и храна

ПерископСКОПЈЕ...Релацијата родител-дете во семејствата што ги посетив не функционира така како што би требало. Р.И и Д.И. живеат во многу лоши услови. Живеат со очув кој често ги тепа кога се непослушни. Мајката не е многу моќна да се спротивстави на неговото однесување бидејќи е економски зависна. Нема излез од состојбата во која се наоѓа. Таа има уште две деца од вториот брак. Родителите и во другите семејства што ги посетив немаат добра релација, добар однос со нивните деца. Често ги оставаат сами, ретко ги прашуваат како поминале во училиште, не водат сметка дали имаат домашни задачи, дали им треба помош. Едноставно, не се интересираат за своите деца. Понекогаш дури им е и сеедно дали биле во училиште или не.

Од извештајот на Љатифе Шиковска,
медијатор на НРЦ


КУМАНОВО... Д.Р не знае ниту една буква, не ги разликува боите, не го разбира и не го говори македонскиот јазик. Д. е детето што го зедов од улица, односно го тргнав од просење и го запишав во училиште. Д. иако секој ден проси, тој во второво полугодие редовно оди на училиште. Неколку пати го имам сретнато со неговата мајка, каде после часови, оди на улица и проси. За овој проблем разговарав со неговата мајка, но резултати нема. Таа ми рече дека тие живеат од тоа и дека мора да просат. Но, ми вети дека Д. ќе биде редовен ученик, но оти после часовите тој ќе мора да проси заедно со неа.

Од извештајот на Ристем Муслиевски,
медијатор на НРЦ


СКОПЈЕ... Во одделението 1-1 кај наставничката Виолета учат три деца Роми, С. Д. и Л. Двете деца, освен Д. се добро прифатени од нивните соученици. Дилбера има говорна маана и не може добро да комуницира на македонски јазик своите другарчиња. Децата често се жалат кај наставничката дека ги тепа. Таа е темпераментна, но според мене мирољубива. Кај нејзе се јавува револт затоа што не е прифатена од соучениците. Наставничката се обидува да ѝ помогне. Л. многу добро напредува, интелигентен е и брзо го совладува материјалот. Добро е прифатен од сите, додека С. Е мрзелива. Има потенцијал, но не се труди доволно. Таа е добро прифатена од страна на нејзините другарчиња.

Од извештајот на Љатифе Шиковска, медијатор на НРЦ

 


ПерископКУМАНОВО... Од моето асистирање на часовите и асистирање во домашни услови ми дава можност, да ја увидам вистинската слика на напредокот на децата во текот на цлта учебна година. Кај децата има голем напредок во споредба со изминатите месеци. Тие сега распознаваат бои, букви, геометриски тела, денови во неделата и научија да ја пишуваат буквата Н и бројот 3. Првачињата сé уште немаат домашни задачи. За време на наставата повеќе се на училишна работа. За разлика од првото полугодие, децата сега подобро разбираат Македонски јазик и многу полесно почнуваат да го говорат. Тие сега дури и сврзуваат реченици.

Од извештајот на Ристем Муслиевски,
медијатор на НРЦ


КАВАДАРЦИ... При асистенција на час имав можност да видам како напредуваат децата од ромска националност. Но, исто така и колку им се посветува внимание. Веќе ја информирав канцеларијата на НРЦ во Куманово дека С.М. е болна од епилепсија и дека поради тоа и поради фактот дека девојчето пие многу јаки лекови, нејзе ѝ е потребно посебно и поголемо внимание. Така што, учителката ѝ обрнува максимално внимание и што и да посака, тоа ѝ е овозможено. Поради болеста С. има многу изоставено од материјалот, но учителката останува еден час по завршувањето на наставата и ѝ помага на С.

Од извештајот на Атиљан Алимов,
медијатор на НРЦ


СКОПЈЕ... Оваа недела ја посетив Ф.Р. која ме воодушеви. Мајката е неписмена и не може да ѝ помогне на својата ќерка, но девојчето постојано е со читанката и се труди самата да чита. Кога ќе наиде на некоја потешкотија, се нервира и плаче зашто нема кој да ѝ помогне. Кога ѝ реков дека јас ќе ѝ помагам, многу се израдува и веднаш ме замоли да прочитаме неколку текстови. Ми ја рецитираше азбуката и неколку песнички.

Од извештајот на Аида Мустафовска,
медијатор на НРЦ


ШТИП... Кога разговарав со учителката, дознав дека М.Ј. не е многу редовен на училиште. Кога отидов да го посетам дома, таму беше само неговата мајка. Ја прашав зошто М. не е редовен на настава, а таа ми тврдеше дека секој ден го праќала на училиште и оти не знаела зошто нејзиното дете не посетува настава. Заклучивме дека таа треба редовно да го проверува и тоа не само да го праќа во училиште, туку и кога ќе се врати оттаму, да го прашува што има за домашна работа, како поминал на училиште. Само така таа може да дознае дали детето оди или не на училиште. Мајката ми вети дека ќе направи така. Потоа со М. вежбавме препознавање букви и броеви. Но, нема големо подобрување.

Од извештајот на Демирша Османов,
медијатор на НРЦ


СКОПЈЕ... С.Р. е интелигентно дете, но во училиште, тој е многу повлечен. Неговата мајка е многу совесна и одговорна во секој поглед, но бидејќи сега има двомесечно бебе, не е во можност да му обрнува целосно внимание на С.Р. Таа се израдува што ќе можам да му помогнам на С.

Од извештајот на Аида Мустафовска,
медијатор на НРЦ


КАВАДАРЦИ... Ф.Р. не посетува настава и отпишана е затоа што девојчето сака да седи дома и сé уште е со цуцла во уста. Родителот ми кажа дека првиот месец девојчето посетувало настава, но со големи маки. Не сакала да седи во училиште, плачела по родителот и не е одвикната од некои бебешки навики. Така што родителите сметале дека најдобро ќе биде таа уште оваа година да не посетува настава и дека пак ќе ја запишат во училиште, но во септември оваа година. Родителите инаку, го обезбедиле потребниот материјал за во прво одделение, учебници и прибор. Но, ќе го чуваат за наредната година.

Од извештајот на Атиљан Алимов,
медијатор на НРЦ


МИЛАДИНОВЦИ, СКОПСКО... За време на часот, учениците работеа на редните броеви од еден до 10, при што имаа и едно кратко повторување, по пат на игра со наставничката се пребројуваа меѓусебно од еден до шест, со тоа што броевите ги кажуваа и во машки и во женски род, зависно дали бројот требаше да го кажува момче или девојче. Особен впечаток ми оставија сестрите А. и А. поради нивната голема сконцентрираност и прецизност, така што во повеќето наврати во играта немаа погрешено ниту еднаш и без многу задоцнување го изговараа бројот. Потоа работеа една вежба со вовче на кој секој вагон имал различна боја и во секој од вагоните имало друго животно. Целта на задачата беше да се залепат редни броеви на вагоните. Додека ги следев ми беше многу интересно и навистина жалев што не сум дел од нив, што ние во наше време немавме вакви задачи и игри. Но, едно нешто ме потсетуваше на Ромите иако материјалот и начинот на водење на наставата е различен и релаксиран, сепак материјалните недостатоци, како на пример, облека, прибор и учебници, исхрана во училиште, навистина не се променети. Тоа навистина ме погодува кога вршам асистенции. Наставничките им носат облека на децата и им даваат дел од нивната ужина, што е хумано од нивна страна, но сепак ме погодува фактот што проектите го исклучиле хуманиот дел од нивните програми.

Од извештајот на Фебијан Максути,
медијатор на НРЦ


СКОПЈЕ... Како што одминува времето децата сé повеќе го познаваат македонскиот јазик, причина за подобрување е и дружењето со деца Македонци, како и мешање на децата во паралелките. Јас им сугерирав на наставниците да ги поттикнуваат децата Македонци да се седат и да се дружат со децата Роми. Мора да напоменам дека децата сé уште не може чисто и течно да комуницираат. Ф.Б. и А.Б. воопшто не го познаваат македонскиот јазик. Дома комуницираат на албански бидејќи и нивните родители не знаат македонски.

Од извештајот на Љатифе Шиковска,
медијатор на НРЦ


ГОСТИВАР... Во моментов имам забелешка дека сé уште им ги немаат пуштено парите на луѓето чија што куќа беше опожарена. Во петокот, после часови, заедно со С. и С.Н. и нивниот очув бев во нивниот дом да видам како се сместени. Тие се добро сместени, никогаш порано немале така добар дома, но газдата сака да ги избрка ако за три дена не му ја платат киријата. Од кај нив, заминав во социјално и таму разговарав со еден вработен и со правникот. Но, ми кажаа дека парите не се пуштени и не знаат ништо затоа што директорката не беше на работа. Ми рекоа да се јавам во Министерството за транспорт и врски или да се вратам после два-три дена кај нив за да ме информираат точно каде е проблемот.
ПерископПри посетите кај улениците, оваа недела повеќе разговарав со родителите, но не ги запоставив ниту децата. Во сиромашни семејства мислам дека никој не може да зборува за образование ако прво не се запознае нивната социо-економска состојба, како и прашањето за домувањето. Сите дечиња што ги посетив се жалеа на непроодниот пат до нивното училиште. Се жалеа дека немаат зимска облека и обувки, а нивните другарчиња им се потсмевале бидејќи овие биле неуредно облечени. Родителите се жалат на сиромаштијата која е многу важен фактор кој влијае и на децата и на нивното образование. Се жалат дека зимата е тешка за преживување, дека не може да одат да собираат старо железо со цел да извадат некој денар. Мајките на овие дечиња одат во селата да питаат како би ги прехраниле своите семејства.

Од извештајот на Ѓулфер Точи,
медијатор на НРЦ


СКОПЈЕ... Семејството на Нусрет Шабани, на кого му беше опожарена куќата сé уште живее во тешки услови. Падна во вода ветувањето од страна на Министерството за труд и социјална политика дека повторно ќе му ја изгради семејната куќа. Нусрет е видно разочаран и повторно е оставен сам на себе. Ме замоли да составиме официјално барање до ресорното министерство со цел да не го заборават.

Од извештајот на Љатифе Шиковска,
медијатор на НРЦ