Интервју Интервју
Образованието на децата треба да биде прв приоритет на сите Ромски родители
Реџеп Али Чупи, Управа эа раэвој и унапредување на обраэованието на јаэиците на припадниците на эаедниците
Во моментов од Министерството се иницирани два големи проекти, изградба на средно комбинирано гимназиско и стручно училиште во општината Шуто Оризари во која ромското население е мнозинство, како и проектот за воспоставување на катедра по Ромолошки студии и студии по Ромски јазик на педагошките факултети во земјава, вели Чупи
Реџеп Али Чупи е директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците. Оваа институција е орган во рамките на Министерството за образование и наука и таа се грижи за образованието на помалите етнички заедници во насока на создавање на услови за воведување на настава на мајчин јазик и промоција на принципите на меѓуетничка толеранција, мултикултурно општество и соработка.
Роден е на 10 Април 1983 година во Гостивар. Средно образование завршил во Тетово, а потоа со своето образование продолжил во Скопје, со студии на Правниот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", каде се запишал во 2003 година. Од тогаш, живее во Скопје. Моментно е на после дипломски студии по Европска и Меѓународна политика на Универзитетот ФОН во Скопје. Во текот на основното и средното образование немал проблеми од финансиски или пак од било кој друг аспект, но кога тргнал на студии во Скопје се соочил со финансиски тешкотии. Благодарение на Фондацијата Институт Отворено Општество во Македонија (ФИООМ) успеал да добие стипендија која била големо олеснување за него и за неговото семејство. Освен стипендијата преку оваа програма добивал и дополнителна академска помош што како што вели, му овозможува да се изгради како личност и да стекне вештини со кои и денес се користи а, се од особена важност како за неговиот приватен живот, така и за неговиот професионален ангажман.
Беше ли тешко да се стигне до оваа позиција?
Посветеноста во текот на моето образование, волонтирањето и работата во Невладиниот сектор многу ми помогнаа за да можам денес да ја вршам функцијата за која сум именува. Патот што го изодев воопшто не е лесен, но не и невозможен. Човек кога нешто силно посакува, се труди и работи посветено за да го добие тоа, тогаш мали се шансите да не успее во тоа.
Колку Министерството за образование се залага за да се подобри образованието кај Ромите?
Министерството за образование и наука е сериозно посветено во напорите за овозможување на услови за квалитетно образование на Ромите. Во таа насока Министерството спроведува активности и иницијативи, како што е обезбедувањето пристап до стипендии за учениците Роми. Оваа година Министерството воспостави посебна програма за стипендирање на ученици Роми во средното образование. За училишната 2008/09 година Министерството додели 650 стипендии за сите средношколци Роми запишани во прва година во училишната 2008/09 година како стимулативна мерка за зголемување на бројот на учениците Роми и нивно успешно завршување на образованието што е во согласност со Националната Стратегија за Роми и Декадата на Ромите 2005 -2015 година. Наскоро Министерството ќе подготви правилник според кој учениците Роми корисници на стипендија оваа година, со исполнување на минимални критериуми ќе можат да ги задржат стипендиите и во наредните години на нивното образование, додека пак, следните генерации кои ќе се запишуваат во прва година на средно образование по автоматизам, сите ќе добијат стипендија. Оваа мерка Министерството ја превзема согласно досегашната пракса и покажаните резултати од стипендирањето на Ромите преку странски фондови. Имајќи ја во предвид задолжителноста на средното образование кое почна од оваа година мерката треба да го олесни образованието на Ромите и да создаде услови за навремено и квалитетно завршување на нивното образование.
Во моментов иницирани се два големи проекти, изградба на средно комбинирано гимназиско и стручно училиште во општината Шуто Оризари во кое ромското население е мнозинство, како и проектот за воспоставување на катедра по Ромолошки студии и студии по Ромски јазик на педагошките факултети во земјава.
Што е според Вас клучот за образованието кај Ромите?
Клучот е во самите Роми и во институциите надлежни за оваа област. Ме радува фактот што од година во година имаме сè поголем опфат на ученици Роми, како во основното, така и во средното образование. Особено ме радува бројот на студенти Роми и дипломци што во иднина треба да се соочат со предизвиците поврзани со прашањето за подобрување на севкупната ситуација на Ромското население.
Соработувате ли со странство и ако соработувате, што е тоа што Ромите го имаат таму, а го немаат тука?
Министерството за образование соработува со земјите членки на иницијативата Декада за вклучување на Ромите 2005-2015 година, со кои разменува и црпи искуства со цел да се подобри севкупната состојба на образованието на Роми во овие земји. Сите добри пракси што се применливи за нашите простори и за нашите услови се користат.
Што според Вас треба прво да се направи за да се промени општествениот, социјалниот и образовниот живот на Ромите?
За да се подобри целокупната состојба на заедницата, клучен сегмент е токму образованието. На сите ромски родители приоритет број еден треба да им биде образованието на нивните деца, а државните институции во соработка со невладиниот сектор треба да обезбедат услови за пристап до квалитетно образование. Ова го велам од лично искуство, бидејќи преку стекнатото образование успевам да создадам услови за подобар живот не само за мене, туку и за моите роднини и пријатели.
Колку често ги посетувате ромските училишта и каква е ситуацијата на терен?
Имајќи предвид дека на ова позиција сум од скоро (од ноември 2008 година) слика за училиштата имам само од хартија. Но, наскоро, една од активностите што ми се предвидени е токму посетата на училиштата во кои учат Роми, разговор со нив и со управните служби за да се идентификуваат нивните потреби за да можеме да помогнеме.
Колку Ромите од Македонија се подготвени да учат на мајчин јазик и колку има услови за тоа?
Оваа заедница и во основното и во средното образование наставата ја следи на македонски наставен јазик. Ромите, во изминатиот период, својот јазик го изучуваа факултативно, а од учебната 2008/9 како изборен предмет. Односно, Јазик и култура на Ромите. За тие потреби Бирото за развој на образованието изготви и наставни програми од трето до шесто одделение и распиша конкурс за учебник за трето и за четврто одделение. Јазик и култура на Ромите кој е застапен во училиштата „Браќа Рамиз и Хамид“ од Скопје, „Гоце Делчев“ од Тетово, „Санде Штеријоски“ од Кичево, „Димитар Влахов“ и „Гоце Делчев“ од Штип. Во декември 2008 година во Куманово, Министерството за образование и наука даде согласност за изучување на предметот јазик и култура на Ромите во 5 основни училишта. Во постапка за воведување на изборниот предмет Јазик и култура на Ромите се и училиштата „Јане Сандански“ и „Васил Главинов“ во Скопје како и училишта во градовите Прилеп, Битола, Тетово и Гостивар. Голем предизвик на кој во иднина ќе биде фокусирано Министерството ќе биде воспоставувањето на катедра по Ромолошки студии и студиска група по ромски јазик на педагошките факултети во земјава за да се создаде кадар и услови за одвивање на настава на Ромски јазик.
Какво е задоволството да се придонесува за заедницата во која припаѓате?
Предизвикот да се работи и придонесува за сопствената заедница е огромен. Токму затоа ја прифатив оваа функција, бидејќи чувствувам одговорност да и вратам на заедницата за тоа што ме поддржа и вложи во мене во текот на моето образование.
Инес Мустафовска



