Интервју Интервју
Луѓето ќе дадат пари за жртви од цунами, но не и на децата Роми од нивното соседство.
Ивана Енэлер, амбасадор на Швајцарија во Република Албанија
Во мојот јазик, има една изрека која вели вака: "Помогни си себе си за да ти помогне и Господ". Не-Ромите може и треба да им помогнат на Ромите со цел да им ја подобрат нивната состојба, но оваа обврска лежи токму кај самите Роми, констатира амбасадорката Ензлер
Ивана Ензлер е амбасадор на Швајцарија во Република Албанија. Таа во 1979 година се вклучила во Швајцарскиот дипломатски сервис и ја почнала својата кариера во Берн, потоа во Брисел, Рим, Вашингтон и потоа повторно во Берн. Од 1998 до 2002 година, Ензлер е заменик шеф на мисијата на Швајцарската амбасада во Сараево, а од 2002 до 2007 година, шеф на истата мисија во Приштина.
Таа е и член на Бордот на Ромскиот Едукативен Фонд од Будимпешта. Нејзината функција како амбасадор и како член на Бордот ја доживува како богато животно искуство и запознавање на различните области од општествениот живот и дејствување. Поради долгогодишно присуство на Балканот, таа многу добро ги познава приликите во балканските земји. Образованието и зголемувањето на свеста кај родителите Роми дека треба да ги праќаат своите деца во училиште е главниот услов за напредок кај оваа популација, пред сè социо-економски.
Како вашата кариера Ве донесе во Ромскиот едукативен фонд (РЕФ)?
Од Швајцарската соработка за развој во Берн ме прашаа дали би сакала да станам член на Бордот на Ромскиот Едукативен Фонд (РЕФ). Бев многу среќна и почестена и ја прифатив оваа предизвикувачка позиција.
Како Вашето искуство како амбасадор Ви помага во исполнување на обврските и задолженијата кон Ромите од позиција на член на Бордот на РЕФ?
Да се биде амбасадор значи да имаш многу долга професионална кариера зад себе и со тоа, да имаш акумулирано одлично искуство и познавања во различни области. Тоа мене ми помага да ги извршувам своите должности како член на Бордот на РЕФ. Како дополнување, како амбасадор веќе подолго време во Југоисточна Европа, имам добри познавања за регионот и за неговите специфики.
Имате ли соработка со Швајцарската амбасада во Македонија и ако е тоа случај, каква соработка имате? Некаква соработка за ромските прашања?
Не, немаме институционална соработка, но контактираме редовно и постојано се информираме за одредени теми и проблеми. Кога бев на мониторинг мисија во Македонија преку РЕФ во минатиот декември, се запознав со мојата колешка, амбасадорката Никол Вирш и таа беше навистина заинтересирана да слушне за нашите наоди од текот на мисијата. Таа е посебно заинтересирана за ромските теми.
Во духот на 8 Април, меѓународниот ден на Ромите, според Вас, кое е најголемото достигнување кога зборуваме за Ромите?
Најголемиот успех е кога родителите Роми се согласни дека образованието е важно и неопходно за нивните деца. Така што, секое Ромче што оди во училиште е голем успех. Знам дека за многу семејства голема е жртвата да ги пратат децата во училиште, но тоа навистина е неопходно. Во Скопје, минатиот декември, се сретнав со средношколци и студенти Роми и беа навистина фантастични: толку паметни и мотивирани. Јас бев длабоко импресионирана. Преку образованието, Ромите може да наоѓаат квалификувани работни места и со тоа да си ја подобрат економската состојба.
Според Вас, кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат Ромите?
Како аутсајдер, јас гледам два главни проблеми: сиромаштијата и како не-Ромите ги третираат Ромите. Луѓето ќе дадат пари за да им помогнат на жртвите од цунамите – што очигледно е одлично – но тие нема да дадат пари за да им помогнат на децата Роми што живеат во нивното соседство за да може тие да одат во училиште, на пример. Ромите се жртви на многу предрасуди и тоа едноставно не е прифатливо.
Што ќе им порачате на институциите кои се надлежни и кои се обврзаа да создадат подобри услови за Ромите?
Најосновно е институциите што работат во насока да создадат подобри услови за Ромите, заснована на нивни акции за вистинските потреби на Ромите, земајќи ги во предвид и спецификите од културен и социјален аспект во кој Ромите живеат. Основно е да се усвои целосен пристап и да се работи со самите Роми. Одржливи резултати може да се постигнат преку взаемно партнерство и партнерство засновано на взаемна почит и заедничка работа.
А, како не-Ромите придонесуваат за подобрување на ситуацијата на Ромите?
Во мојот јазик, има една изрека која вели вака: "Помогни си себе си за да ти помогне и Господ". Не-Ромите може и треба да им помогнат на Ромите со цел да им ја подобрат нивната состојба, но оваа обврска лежи токму кај самите Роми. Не-Ромите може да помогнат во создавање подобри услови, но на крајот на краиштата, до Ромите е дали сакаат тие да работат за нивна благосостојба. Дозволете да ви дадам еден пример. Од некоја институција земате стипендија за да одите на училиште, меѓутоа до вас е дали вие ќе учите и ќе си ги пишувате домашните задачи. Институциите тоа нема да го направат за вас.
Кои се вашите врски со Балканот?
Моите врски со Балканот се фамилијарни врски преку мојата мајка.
Најдов Ваша изјава дадена за Центарот за современа уметност во Сараево, во која велите дека никој од Вашето семејство не умрел во државата во која се родил. Тоа е и судбината која ја делат многу Роми. Мислите ли дека има напредок на ова поле?
Ја дадов таа изјава во еден специфичен контекст за еден видео продукт во кој зборувам за некои жени од моето семејство. Таа судбина ја делат сите мигранти, своеволно или не. Тоа е животен факт. За мене, движењето е богатство и оттаму, позитивна работа, но се согласувам дека за некое тоа не мора да биде така. Луѓето треба да имаат избор помеѓу опцијата да останат некаде или да се преселат некаде по нивна желба. За жал денес, многу луѓе го немаат тој избор. За Ромите, како што кажав и претходно, напредокот ќе дојде преку образованието и/или преку обуките. Убедена сум во тоа.
Љубица Гроздановска Димишковска



