Интервју Интервју

Јас не сум ни Циган, ни Џипси, јас сум Ром!

Портрет Фаик Абди, прв ромски пратеник на ПЦЕР

Многу ми е криво што се зафатив со оваа проблематика, а не ја довршив, иако таа крај нема. Насоки и правци има. Многу НВО зборуваат за образование, само кој ги слуша. Ќе кажам уште една турска поговорка: после Хуриетот ги отворија Босфорот и Дарданелите и Турците јуначки викнале: каналот не го даваме!. А Евреите од другата страна викале: Кој ве прашува? Така е и сега.


Фаик АбдиФаик Абди е првиот Ром од поновата македонска историја кој стана пратеник во Собранието на Република Македонија во периодот од 1991 до 1994 година, како и од 1994 до 1998 година. Тој е основач и прв претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР). Абди бил и учесник и на првиот ромски конгрес кој се одржал во Лондон во 1971 година. Тој тврди дека, сега, кога ќе се сврти назад и ќе направи една ретроспектива на неговиот живот и политичко дело, најмногу му пречи што повеќе од 30 години се посветил на ромското прашање, но оти немал време да го заврши. Абди тврди дека неговата партија нема толкава моќ и сила како кога тој бил претседател бидејќи, како што вели, нема кој да ја организира младината. Тоа што Ромите денес се нарекуваат Роми, а не Цигани или Џипси, за него е еден од поголемите успеси во неговата кариера и во неговите напори да се избори за правата на Ромите во Македонија. Најмногу жали што неговите соработници, колеги, следбеници го заборавиле и веќе со години никој не го посетил во неговиот дом во скопската општина Шуто Оризари.

Колку состојбата со образованието, како и општата ситуација кај Ромите е подобрена споредено со 1971, кога бевте делегат на првиот Светски конгрес на Ромите.

За никаде сме. За разлика од другите националности, ромската националност е најзапоставена, по своја вина, а и по вина на општествените услови. Не се на работа, умираат за јадење. Ништо не е подобрено. Во однос на вкупниот број на Роми, тоа што има зголемен број на студенти, ученици е многу малку, а споредено со другите националности, речиси и да нема напредок. Образованието е едно скалило нагоре, но какво образование, кога луѓето немаат што да јадат. Родителите им работат на пазарче. Јас едно време, времето на комунизмот бев пратеник и кога "социјализмот" си замина, а дојде "капитализмот" предлагав да се отворат народни кујни, за да може сиромашните да најдат парче леб. Предлагав кујните да служат и појадок и ручек и вечера. Колегите пратеници тогаш се смееја. Се смееја на начинот на кој мислев тие народни кујни да се формираат. Имаше пари! Ако имаше пари за други работи, ќе се најдеше пари и за основата – исхраната на луѓето. Но, тоа не се оствари. Сега треба да се направи нешто токму на тоа поле. Еве сега имаме нови општински совети, нови градоначалници, ќе имаме нов претседател. Мора да се направи нешто! Луѓето мора да ги натераме да се хранат по тие народни кујни. Ромското население не е навикнато да оди во народни кујни, мислат дека тоа е понижување, мислат дека е многу мизерно. Но, подобро е таму да просат отколку на Камен мост. Треба сите политички партии и во Шутка и во градот да отворат народни кујни, иако сметам дека најмногу Ромите се гладни, голи, боси.

Како ромските политички лидери еволуирале од ваше време досега?

Ќе ви откријам една една тајна – Ромите не разбираат што е тоа политички лидер. Ромите се неписмени луѓе. Ако еден човек се истакнува како гласноговорник или ако малку од малку му оди работата, ќе му вети се на народот за да добие гласови. Ромските лидери се далеку од лидерите на другите партии. Проблемот е во главата. Не се доволно образовани, но и ако се образовани, тие бегаат од оваа средина, или се претопуваат и се изјаснуваат дека се Турци или дека се Албанци. Состојбата со ромските лидери, а и многуте невладини организации таму, се во еден хаос. Турците велат: Прво за душата, па после за другите. Се подразбира што сакам да кажам. Но, морам да кажам дека многу слабо се движам меѓу органиФаик Абдизациите, меѓу кандидатите.

Дали ги следевте изборите?

Не. Следев само да видам кој ќе ни биде претседател.

Не ги следев изборите зошто добивам впечаток дека се за што сум се ангажирал, се било попусто. Ниту еден од лидерите од широките народни слоеви, никој, не ме побарал да праша како сум.

Каде се луѓето со кои соработувавте?

Имав цела армија зад себе. Многу брзо забораваат или ситуацијата ги натерала да бидат такви. Државата треба да води поголема грижа за пензиите на тие што се најсиромашни. Социјална пензија од 1.000 денари, од 2.000 денари. Срамота!!! Срамота на државноста...каква е таа социјална помош? Во 90 година формирав партија ПЦЕР, оттогаш до пензионирањето јас имав 22.000 денари плата, а во Комуна работев, сектор за економија, план и развој на стратегии. Во Собрание отидов со 35.000 денари, а во Собрание имав плата 22.000 денари. Мислев дека полека, полека ќе имам повисока плата. Но, со Законот за намалување на јавната потрошувачка. Што направив сега? Да се вратам назад, не можам, срам ми беше. За враќање лесна работа, имав и пријатели, но имаа и потреба од мене.

Кој е најголемиот успех за кој сметате дека сте заслужен?

Има многу, не можам да издвојам најголем. Прво дека сме Роми, а не сме Цигани. Тоа е она што се вика свое јас. Јас не сум ни Циган, ни Џипси, јас сум Ром. Сите овие што се сега малку писмени, научија од Фаик Абди дека е слободно да се постави такво и такво прашање. Од Фаик Абди научија како да бидат домаќини и дома и во своите општествени организации. Но, сега се е извитоперено.

Што се случува со ПЦЕР?

Нема кој да ги организира младите, зашто тој што треба да ги организира треба да разбере што е прво ПЦЕР, па потоа да организира младински огранок. Можеби проблемот е во тоа што Ромите се молчаливи, што не креваат голема врева, а треба да бидат азгани. Треба да бидат поотворени, треба да застанат пред Собранието. Најмалку 80 отсто од работоспособното ромско население е невработено, а каде ќе работат? И што ќе работат? Неписмени, без занаети...освен социјала да им помогне, друг начин нема.

Многу ми е криво што се зафатив со оваа проблематика, а не ја довршив, иако таа нема крај. Насоки и правци има. Многу невладини организации зборуваат за образование, само кој ги слуша. Ќе кажам уште една турска поговорка. После Хуриетот ги отворија Босфорот и Дарданелите и Турците јуначки викнале: Каналот не го даваме!. А Евреите од другата страна викале: Кој ве прашува? Така е и сега.

Што мислите за Декадата и дали имате контакти со Ваши колеги во странство?

Со никого немам контакт од тие што зборуваат за Декадата освен кога ќе падне некој зорт, кога некој не може да се снајде, кога некој има син за запишување или за стипендија...Имам почитување и од службите, во Владата имаат посебни луѓе за Албанците, посебни за Ромите, посебно за сите. Околу декадата – не сум прашан. Штом не сум прашан, нема што да кажам, каква е ситуацијата. Пак турска поговорка: Тој што е болен, тој што бил во затвор и тој што бил функционер, тој пријатели нема! Па, и јас се тешам со таа поговорка. Многу изгубив од моето време, најмалку 40 години ги фрлив без да водам сметка за моите деца, за мојата жена. Не дека ги запоставував, но тие некако ми беа второстепени. Особено сопругата, со која сме во брак 50 години.

Љубица Гроздановска Димишковска
Александар Димишковски