Интервју Интервју

Ако живее Ромскиот јазик, ќе живеат и Ромите!

''Tey jivdi i chib jivdo si thay o Rom!''

Ибрахим Османи

Јазикот е прва и најважна карактеристика на еден народ. Секој народ го добил своето име по јазикот што го говори. Сите народи го чуваат, развиваат својот јазик како суштинска материја. Меѓутоа кај Ромите не е така. Тие со години бегаат од него, се срамат и не ги учат своите деца на мајчиниот јазик, но и покрај тоа тој сепак до денешен ден се задржал во усна форма, делумно во писмена

Ромската историја е голема ненапишана Одисеја, што постои само во нивната свест. Зад Ромите има малку податоци од историски извори. Луѓето што не пишуваат за себе, како и да не постојат. Затоа, долго време кружеа претпоставките кои се Ромите и од каде тие потекнуваат. Ромите направиле голем излет по Светот и на тие патишта ги следела и зла среќа. Сепак, благодарејќи на добриот дух и со мали или големи загуби, успеале да опстанат до денес, зачувувајќи ја својата посебност и специфичната култура. Нивната жар никогаш не се гаси. Коренот на секое зло е во незнаењето. Што значи одредено име? Тоа што ние денес го нарекуваме роза, под било кое има ќе мириса исто.

Така, во преселбите од земја во земја, од континент на континент, Ромите добивале разни имиња. Долго време многу народи сметале дека Ромите се од Египет, па така и настанале имињата Еѓупци, Ѓупци, Џипси, Кипти, додека самите Египќани ги нарекувале Гаодари. Најраспространет термин за Ромите е терминот Циганин. Францускиот писател Клебер објаснува дека тоа е збор со француско потекло – TRZIGANO (мал), на влашки. Ромологот Миколшиќ смета дека зборот Циган е крајно навредлива и дека потекнува од грчкиот назив за ерменска секта ATSINGANA (магионичари). На првиот Светски конгрес на Роми во Лондон во 1971 година е прифатено тој етнос да се нарекува Роми. За значењето на овој термин има многу теории, меѓутоа најзначајно е тоа што Ромите меѓу себе така се нарекуваат. Основно логично значење на овој термин е маж.

Многу лингвисти сметаат дека корените на Ромскиот јазик потекнуваат од Индија и од некои делови на Пакистан, па логично е Ромскиот јазик да има сличности со тие јазици и дијалекти. Можете ли да ми кажете нешто повеќе околу историскиот развој на Ромскиот јазик?

Еволуциски гледано, јазикот е создаден низ борбата за опстанок, низ работа. Јазикот и свеста, т.е. мислењето што се изразува преку јазикот се јавиле во исти услови и тие создаваат едно неделиво единство, што постојано се развива. Таков е и случајот со Ромскиот јазик. Тој е дел од големата заедница Индиски јазици. Индиското потекло на Ромите никој не го доведува во прашање. Индија е пространа, огромна земја во која се зборуваат повеќе од стотина јазици и преку илјада дијалекти. Јазикот е прва и најважна карактеристика на еден народ. Секој народ го добил своето име по јазикот што го говори. Сите народи го чуваат, развиваат својот јазик како суштинска материја. Меѓутоа кај Ромите не е така. Тие со години бегаат од него, се срамат и не ги учат своите деца на мајчиниот јазик, но и покрај тоа тој сепак до денешен ден се задржал во усна форма, делумно во писмена, што пак е случај со многу народи. На Ромскиот јазик работеле многу лингвисти, како што се Францис Михел, Миколшиќ, Сова, Герман, Пјер Лал Шарма и други, кои сметале дека Ромскиот јазик од централната група на ново-индијски јазици е најблизок до санскрит, хинду, пенџаб и дарди јазиците, додека Пакистанецот Куртиш Кан го приближува до марвари дијалектот. Но, треба да се спомене и истражувањето на современиот истражувач Џ.С.Патаниа од Индија, кој меѓу другото вели: До сега не-Ромите направија таква конфузија меѓу нас. Затоа се потрудив да направам – предложам една така наречена Саанџи – Саанџи – Романи – Ка-Кха-га азбука, како во санскрит јазикот.

Ако ги споредиме говорите на Ромите во различни краеви на Светот, тој е разбирлив, но има мали фонетски разлики. Ромскиот јазик има два броја, два рода, осум падежи, одреден член, сите времиња...Граматиката на Ромскиот јазик на Круме Кепески и Шаип Јусуф е печатена во Скопје, додека кратка фонетика за писмото има издадено Французинот Марсел Куртијаде.

Колку дијалекти постојат?

Сметам дека е потребно најпрво да се разграничат некои јазични поими, што е дијалект, говор, говорно подрачје и литературен јазик. Јазикот или говорот е формирана јазична целина која служи за разбирање на еден народ, една етничка заедница. Јазикот се создава од говорот, додека говорите меѓусебно се разликуваат во својата еволуција. Поимот дијалект може да се сфати како говор на еден регион со особини што се различни од другите региони во рамки на говорот на еден ист јазик. Меѓутоа, дијалектот може да се фати и во поширока или во потесна смисла. Со нив може да се именува не само говорен простор, туку и говорот на едно место. Поимот дијалект може да означува и макродијалект и микродијалект. Меѓутоа со дијалект во најголем дел од случаите се означуваат говорни целини, додека говорните подрачја и говорите служат за именување на помали говорни целини. По мое мислење, во Ромскито јазик нема дијалекти, туку говори. Вук Караџиќ ги делел Ромите на Каравласи и Мухамеданци. Таа негова поделба не е според дијалектот или говорот туку според вероисповедта. Ромите ги добиле имињата по своите занимања, а потоа во потрагата по подобар живот, тие групи се делеле просторно и нормално се создале и разлики во говорите, во однос на влијанијата на различните јазици на општествените средини во кои тие живееле.

Статистички се смета дека Vlax Romani е можеби најчестиот дијалект во Ромскиот јазик. Можете ли да ми кажете колку е овој дијалект различен од јазикот што го зборуваат Ромите на Балканот, а особено оние од просторот на поранешна Југославија?

Сметам дека на ова прашање веќе делумно одговорив. Но, сепак, би сакал да ги објаснам зборовите Влав, Vlax...Географијата најдобро го објаснува овој поим, затоа што потекнува од терминот Влашка низина, а дури и постои и етнос со име Власи, кои припаѓаат на Романските групи јазици, односно нивниот јазик е постар од Романскиот јазик. Како овој збор дошла во Ромскиот јазик е најлесно да се објасни. Група на Роми кои што на Балканот стигнале преку Влашката низина се наречени Влашки Роми. Затоа мухамеданските Роми ги викаат влахо, што значи Роми кои живеат номадски живот. Со други зборови овие Роми се нарекувани и гурбетчии, што потекнува од Турскиот јазик а има исто значење со поимот печалбар. Влашките Роми се од Христијанска вероисповед со исклучоци, ама во нивниот говор може да се најдат зборови од различно потекло, а особено впечатлива палатализацијата и влијанието на другите јазици. Може да се разбираат, бидејќи корените на зборовите се исти, како на постарите – заеднички предци, иако во нивниот говор се чувствуваат разлики, што е нормално кај сите јазици, бидејќи тие се жива материја.

Во многу лингвистички Енциклопедии, Ромскиот јазик е карактеризиран како јазик што традиционално нема записи, што, пак, во исто време се смета и за причина за неговото преживување. А, првите печатени примероци на Ромски народни приказни се појавиле во раните години на дваесеттиот век. Можете да ми кажете до кое ниво е стандардизиран Ромскиот јазик и каков е напредокот во пишувањето, односно литературата?

Се уште владее оваа болест кај Ромите. Имаше неколку обиди за стандардизација на јазикот, но без резултати. Ромите не се врзани за една територија, па една од причините за состојбата со јазикот е токму тоа. Но, влијание има и нивната волја да се изјаснат како Роми, поради страв од разни егзодуси, прогони, геноциди и други дискриминации. Ромите сметаат дека најдобро за нив е да се асимилираат и да живеат во симбиоза, па често се случува Ромите да зборат и на друг јазик дури и во сопствените домови. Во последно време се работи на јазикот и на негово изучување по училиштето, а за тоа е потребна и литература. Затоа се појавуваат многу книги, но со различно писмо и говор.

Што, според Вашето мислење влијае на Ромски јазик имајќи ја предвид Ромската историја? Каде е местото на Ромскиот јазик и која е неговата иднина? Кога можеме да очекуваме сериозен напредок во сферата на Ромската литература, јазик, настава?

После смртта, човечки глас преоѓа во оган,
Душата во ветер, очите во Сонце, животот во Месечина,
Влегле во природата, телото во земјата а срцето во етер...
Што е тогаш човекот?
Не постои ништо друго, заблудено во желбата за небески рај,
Што се доделува како награда за трансмиграции и многу?
Внимание на разни церемонии за уживање и небеска власт.
Од Махабхарата

Човековата несреќа доаѓа поради претерани желби. Дали Ромите имаат претерани желби? Дали тие се несреќни?

Што би можело да се каже за Ромите?

Зошто до денес, за нив во свеста на луѓето длабоко се врежани неброени предрасуди, омаловажувања, деградации, дискриминации. А времето поминува и никако не се заборава, но и никој не прашува зошто луѓето останале без покрив над главата?

Ненапишаната Одисеја на Ромите се уште трае. Се поставува прашањето, зошто судбината на лутање, вечни патници се уште си поигрува со Ромите? Зошто Ромите во светот се уште се на маргините и на работ на пропаста? Се уште Ромите се пред крстосница, се уште не знаат кој пат ќе им биде најдобар да го изберат за да живеат како луѓе од високите цивилизации. Дали на Ромите потполната асимилација, губењето на идентитетот, името им е најдобриот избор за да ја остварат рамноправноста? Дали народите во околината би заборавиле на нивното минато и дали Ромите со тоа иако со темен тен би биле подобро прифатени или целосно би го изгубиле својот идентитет, а и понатаму би останала дискриминацијата како кон Афро-Американците во САД?

Сите овие прашања имаат свои одговори. Единствено решение, според мене за да се смени човековата свест кон Ромите е да се подобри нивната материјална состојба. Лесно му е на Ромот да се асимилира, заборави на своите предци и да прифати се што му е во опкружувањето ако е во добра економска состојба. Сиромашните Роми никогаш нема да бидат прифатени како припадници на други националности, без оглед на нивното изјаснување да ги прифатат сите карактеристики на други народи, како што веќе направија поединечни групи на асимилирани Роми. Тие дури го заборавија и Ромскиот јазик. Но и понатаму останаа дискриминирани.

Мора секој Ром да размисли за сеопштиот Ромски интерес!