Дневник Вести од образование
Сè повеќе Роми се запишуваат на факултет
Најголем интерес има за Правните факултети, филозофските студии, педагошките и студиите по медицина
Правници, филозофи, педагози, филолози, лекари. Тоа се петте професии за кои се одлучиле поголемиот дел од студентите Роми во академската 2008/09 година. Околу 15 отсто или вкупно 32 од 211 запишани студенти Роми, минатата учебна година се запишале на правни студии на државните и приватните факултети ширум државата. Речиси идентичен е и бројот на Ромски студенти што се запишале на Филозофски факултет (30), 29 студенти се запишале на педагошки, 16 на филолошки, а 11 на медицински факултет. Желбата и свеста за студирање кај младите се повеќе се продлабочува. Бројот на запишани и дипломирани студенти драстично е зголемен во последните неколку години. Ако во 1993 година во Македонија имало само тројца студенти Роми, во 1994 година нивниот број изнесувал девет, во академската 2008/09 биле запишани 211. Оваа година на државните и приватните факултети ширум државата се запишале околу 260 студенти.
Од државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде годинава се запишале околу 230 студенти, укажуваат на зголемениот број на студенти и посочуваат дека таквата пракса треба да продолжи и понатаму.
Изминативе години, кога мал број на Роми се запишувале да студираат и мал број на Роми се вработиле, имавме период кој треба да биде поттик на младите да студираат, затоа што тие денес ги сфаќаат и разбираат предизвиците што го носи современото општествo, истакнаа од „Св. Кирил и Методиј“.
Од таму за магазинот „Едно“ дополнуваат дека стипендиите што ги даваат фондовите, министерствата и невладините организации се дополнителен мотив за Ромите што сакаат да студираат.
Од приватните, „Универзитетот Фон“, „Европскиот Универзитет“ и „Универзитетот на Југоисточна Европа“ во Тетово, посочија дека бројот на запишани Роми студенти е многу мал. Тие велат дека тоа е поради социјалниот и економски проблем кај Ромите воопшто. И оттаму информираат дека најголем број на запишани Роми се на Правните факултети.
Образованието на Ромите е еден од најважните приритети на оваа заедница.
Од невладиниот сектор велат дека тоа е резултат на зголемувањето на свеста кај Ромите, за важноста на образованието како сегмент во животот на човекот. Но, од невладините организации сметаат дека токму невладиниот сектор има голем придонес за ваквите позитивни промени, бидејќи многу невладини организации организираат различни трибини за значењето на образованието, што кај ромската популација се прифаќа и покажува позитивни резултати.
Во минатата година во Македонија дипломирале 13 Роми. Од Министерството за образование и наука посочуваат дека оваа бројка е мала, но и дека е позитивно што оваа академска година на нашите факултети се запишале многу повеќе студенти споредно со изминатите неколку години. Министерството за образование доделува стипендии за најдобрите студенти, што е дополнителен мотив за оние што сакаат да завршат високо образование.
Студентите се свесни за недостигот на образован ромски кадар. Поради тоа, тие се стремат кон подобрување на современите стандарди во нивната заедница, а тоа најдобро можат да го направат токму преку вклучување во образовниот и општетвениот систем.
Инес Мустафовска



