Дебати Дебати
НРЦ ги испитува пулсот на училиштата и на родителите Роми
Дебати во Гостивар и во Битола
Отворен ден за родителите Роми во училиштата во кои учат нивните деца за да се развие подобра соработка, учениците Роми да учат со учениците Македонци и со другите националности, бесплатна ужина за децата Роми. Ова се само дел од препораките и барањата што наставници, директори, психолози, локални просветни инспектори, како и родители Роми ги посочија на дебатите што Националниот Ромски Центар (НРЦ) од Куманово ги организираше во Гостивар и во Битола на почетокот на март годинава.
Како да се најдат нови начини за комуникација со родителите Роми со цел нивните деца да бидат поредовни на училиште, да постигнуваат подобри резултати беше темата на разговор што претставниците на НРЦ ја поставија. Но, дискусијата се прошири и на други, посуштински проблеми пред кои училиштата секојдневно се соочуваат. Дебатата во Гостивар се одржа во основното училиште "Башкими", а во Битола пак, таа се одржа во осмолетката "Коле Канински".
Поприоритетно да се дискутира за односот меѓу училштето и родителите и децата. Средства за вакви намени (за ужина) не се одговорност само на родителот. Можеби и училиштето треба во тој однос да направи некој обид, да се разговора со бизнисмените од градот за помош или слично, предложи Мухамед Точи, член на училишниот одбор во ОУ „Башкими“. Како позитивно искуство на ОУ „Башкими“, тој наведе дека во Советот на родители има Роми како заслуга на граѓанските здруженија и училиштето. Како предлог тој предложи да се воведе пракса кога ќе се појави некој проблем родителите навремено да се информираат. Според него, родителите многу доцна се информираат или се канат на какви било средби во училиштето.Кога ќе се согледа некој проблем е добро навреме да се повика родителот, предлага тој.
Во однос на дополнителни часови за деца со слаб успех Точи смета дека не дека немало обиди, но најчесто или наставниците не се доволно мотивирани или бараат дополнителни средства. Но, тоа е убава можност за подобрување на успехот на децата. Мухамед упати апел да се искажат позитивните искуства. Стојна Стамеска, педагог во осмолетката „Башкими“ истакна дека има Роми староседелци кои се редовни и еднакви во се, но дека има еден дел Роми кои не се гостиварци по потекло и не се заведени во матична служба и со нив обично се има проблеми. Друг проблем според нејзе е што во прво одделение има деца на различна возраст и тоа треба на ниво на Македонија да се регулира бидејќи тоа навистина е голем проблем.
Ашмет Елезовски, координаторот на проектотпотврди дека тоа навистина е голем проблем и кажа дека за оваа е разговарано со надлежните и се надева дека од септември овој проблем ќе се реши.
Важно е дека децата не се на улица, туку се во училиште. Во случај кога децата се враќаат повторно во исто одделение е поради тоа што тие стагнираат и бидејќи не се описменети. Постои „дупка“ во законот за деца од 10-14 година кои не биле вклучени во системот, има поднесено амандман за тоа, рече Елезовски.
За предлозите за почести средби со родителите,педагогот на училиштето одговори дека релацијата со родителите е на многу повисоко ниво во споредба со изминатите години. Тој рече дека во училиштето има отворен час и отвореност за средби со родителите. За време на тој отворен час родителите може слободно да присуствуваат на наставата. Во споредба со изминатите години, до сега бројката на посети на родители Роми е зголемена од 10 на 60 отсто.
На дебата во Битола пак, се дискутираше за проблемот на осипување на децата Роми, дали тие имаат услови да следат настава и зошто во некои паралелки има само ученици Роми. Зоран Демиров од организација „Ромско катче“ од Битола и истакна дека во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ има одделенија со само ромски деца, поради тоа што македонските се отпишуваат од тие класови. Во дискусијата се вклучи и Агуш Рустемов, дедо на ученик кој истакна дека во Битола нема јазични бариери и треба сите да учат заедно, бидејќи Ромите во Битола зборуваат македонски. Порано кога тој учел биле мешани со македонските деца и така постигнувале успех и си помагале меѓусебно. Мирјана Стојкова, педагог од ОУ „Гоце Делчев“ истакна дека има само седум ромски деца во тоа училуште и тоа во нижите одделенија. Има проблем со едно дете само поради нередовност. Во однос на проблемот со голем број на ромски деца во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ е поради реонизацијата. Таа ја истакна потребата од поголема едукација на родителите. Таа рече и дека има деца кои живеат и далеку од училиштето но се редовни.
На прашањето која е причината за осипувањето на децата, Загорка Јовчевска, директор во „Ѓорѓи Сугарев“ смета дека еден од проблемите е тоа што има многу повозрасни првачиња и е пречка за шестгодишните деца да учат во исто одделение со оние кои се повозрасни од нив. Од училиштето до Министерството за образование имаат доставено барање за отворање паралелка за возрасни. Како проблем, таа го наведе и фактот што нема лимит за уписи на ромските ученици, затоа што тие почнуваат од мај до следната година во мај. Како проблеми во „Ѓорѓи Сугарев“ беше истакнат број од 120 осипани деца од кои само 81 се во прво одделение. Има многу изостаноци и 90% се од Ромите. Таа предложи дека потребни се средби и едукација со родителите. Се случува кога родителите да одат на сеознска работа да ги земаат и децата, додава директорката на училиштето.
Агуш Рустемов, дедо на ученик, истакна неколку проблеми зошто децата се отсутни од училиште: временски услови, сезонска работа, економски причини, немање облека.
Моето семејство брои седум члена, а ниеден вработен. Со 1.200 денари социјална помош не може да се постигне ништо. Книгите иако се бесплатни оваа година, има дополнителни книги што треба да се обезбедат и да се платата. Порано, во мое време, на сиромашните им помагаа барем со бесплатни кифли, денес тоа го нема.Има примери на деца кои сакаат да учат а немаат можност, вели Рустемов.



