Билборд Воведен збор
За Едно, за образованието за сите
Почитувани,
После првиот ромски самит во Брисел на кој учествуваа над 400 Роми и значаен број претставници на Европската комисија, претседателот на Европската комисија Хосе Мануел Баросо, официјално вети дека Европската Унија ќе им посвети поголемо внимание на ромските проблеми. Баросо предложи Интегрирана заедничка платформа која ќе биде во функција на вклучување на Ромите во ЕУ.
Во моментот, цела Европа дебатира за Платформа на Ромската Инклузија, со која ќе се преземат конкретни акции за еднаков пристап до образование, здравство, домување, вработување, уживање на правата, почитување на културата, како и соодветно трошење на парите наменети за Ромите. Прилично амбициозна идеја бидејќи опфаќа многу области, а истовремено покажува дека Европската унија долго време нема слух за Ромите.
Она што е најинтересно е дека Европската Комисија, решила да работи за Ромите, но не ги сака блиску до себе бидејќи упорно одбива да креира ромска единица во нејзината структура, која ќе биде составена од ромски експерти. Зошто се однесува така, не се знае, па за да се оправда и да го покрие срамот на проблемите што се таложеле долги години, за прашањето на дискриминација најде т.н. решение. И рака на срце, ЕУ ни помалку ни повеќе, реши да одвои 5 милиони евра кои ќе ги намени за пилот проект под наслов „Пан европска координација на Ромските интеграциони методи“.
Проектот е комбинација на сè, од образование до домување, прашања што се третираат и во процесот Декада на ромска инклузија. Зошто велам амбициозно толку тешки и наталожени проблеми да се решат за 5 милиони евра на 12 милиони Роми кои живеат во државите членки на ЕУ. Тоа со проста математичката функција делење, вели дека на секој Ром за цела година ќе му следува по 4, 16 евра, односно по 250 ден. А замислете колку од тој буџет ќе се покрие за персоналот кој ќе работи само во администрацијата.
Значи, инклузијата во овој случај ќе биде прилично сиромашна. Ваквиот третман од страна на ЕУ кога ќе се спореди со процесот на Декадата на Инклузија на Ромите, се приближува многу со сиромашното учество на државата во афирмирање на приоритетите на Декадата. Образованието како стожерен проблем кај ромската популација во 90 отсто се афирмира со помош на невладиниот сектор, односно пари што доаѓаат од странски донатори и извори. Државата има одвоено малку пари за Ромите. Програмите што се опфатени во институциите низ Македонија, или комплетно се игнорираат или многу малку се реализираат според предвидените планови и програми.
Колку и во двата случаи се покажува вистинска волја за работа на ромското прашање?!? Колку се имплементираат документите кои се потпишани и колку неимплементирањето на овие документи влијаат врз животот на Ромите? Каде е проблемот, во администрацијата или во перманентната дискриминација?
Значи толеранцијата промовирана како прифаќање и живеење со различностите, не успеала. Не успеала ниту во Европа, ниту во Македонија. Велам не успеала и во Македонија бидејќи сè уште имаме сегрегирано образование, сегрегирани населби и социјален живот со многу предрасуди. Дали ќе се смени нешто, е прашање што треба да си го поставиме сите!
За просперитетна иднина, толеранција, квалитетно образование и пред се инклузија!
За подобар и поедноставен живот Едно!
Себихана Скендеровска



